Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска е во еднодневна посета на Косово и Метохија.

Тоа е нејзина прва посета од 2017 година, кога за прв пат беше избрана за премиер.

Брнабиќ во рамки на посетата ќе ги посети Косовска Митровица, Звечан и Лепосавиќ.

Заедно со премиерката во посета се и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ и директорот на Канцеларијата за ИТ и еВлада Михаило Јовановиќ.

Брнабиќ ќе го посети првиот мултимедијален центар на северот на Косово и Метохија и Духовната академија во Косовска Митровица, по што е предвидена посета на манастирот Бањска во општина Звечан.

Потоа, во општина Лепосавиќ, таа ќе го посети социјално загрозеното семејство на браќата Радосављевиќ, кои преку Канцеларијата за Косово и Метохија официјално се вселуваат во нова куќа изградена со средства на Владата на Србија.

Посетата на Косово и Метохија, премиерката ќе ја заврши во општина Лепосавиќ, каде ќе посети семејна фарма.

Посетата е најавена во четврток, на 1 септември, согласно Договорот за официјални посети, соопшти претходно Владата на Србија.

Како што е наведено, целта на посетата е да се пренесат пораки за зачувување на мирот и стабилноста, во чии рамки може да се постигне опстанок на Србите во таа држава.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, рече дека претстојната посета на Брнабиќ има посебна тежина и значење за Србите во јужната покраина, бидејќи покажува дека нивната земја е секогаш со нив.

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, вели дека посетата на премиерот на Косово и Метохија испраќа јасна порака дека Србија е посветена на мирот и стабилноста, но и на опстанокот и останувањето на овие простори.

Ракиќ за РТС изјави дека доаѓањето на Брнабиќ на Косово и Метохија значи многу за сите Срби во тие области, а потпретседателот на Српската листа Игор Симиќ оцени дека нема подобро време за посетата на премиерот на Косово и Метохија.