Германската полиција спроведува голема акција против десните екстремисти кои наводно планирале да упаднат во зградата на парламентот и да ја соборат владата, а оваа акција ја планирале со оружје.

Во акцијата на Федералниот јавен обвинител и Специјалната криминалистичка полиција приведени се најмалку 25 мажи и жени кои или биле членови на десничарска терористичка организација или ја поддржувале, пишува „Шпигел“ повикувајќи се на извори.

Во рацијата под кодно име „Сенка“ учествувале 3.000 припадници на надлежните служби кои извршиле претрес во 137 објекти во сопственост на 52 осомничени.

Се посочува дека меѓу плановите на осомничените биле, меѓу другото, „вооружен напад на Бундестагот и приведување политичари“.

„Граѓаните на Рајхот“

Меѓу уапсените има и членови на екстремистичкото движење „Рајхсбиргер“ (Граѓани на Рајхот), кои извесно време се практично под лупа на полицијата поради насилни испади и расистички теории на заговор. „Билд“ наведува дека меѓу уапсените осомничени водачи на групата е и Русинот Виталиј Б.

Членовите на тоа движење одбиваат да ја признаат модерната германска држава и сакаат да ја заменат со државен систем по моделот на Германија во 1871 година, односно планирале да ја обноват монархијата.

Еден човек опишан како принц и наречен Хајнрих XIII (71) се споменува како клучна личност за нивните планови. Наводните водачи се меѓу уапсените во 11 германски покраини, соопштија федералните обвинители.

Осомничените се уапсени во германските покраини Баден-Виртемберг, Баварија, Берлин, Хесен, Долна Саксонија, Саксонија, Тирингија, како и во Австрија и Италија, соопшти канцеларијата.