Дојава за подметната бомба и денеска добиле четири скопски училишта, соопшти Министерството за внатрешни работи.

„Денеска околу 9:30 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на електронската адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки за безбедно евакуирање. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР, не прецизирајќи за кои школи станува збор.

Последната дојава за подметната бомба во скопски училишта имаше пред два дена.

Министерството за образование им порача на директорите на средните училишта каде што изминатите денови имаше повремени прекини на наставата дека се должни до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови поради сите лажни дојави за подметната бомба.