Српската напредна странка (СНС) денеска одржа седница на Претседателството на која беше одлучено нивен кандидат за нов претседател на Народното собрание да биде Владимир Орлиќ (39), како и да се подмлади раководството и на Собранието и на Владата на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

– Тој ги извршуваше должностите заменик-претседател на пратеничката група на СНС и потпретседател на Собранието. Станува збор за исклучителен млад човек, остварен и образовен, на научен, професионален и политички план. Зад него стојат над 80 научни и стручни трудови. Фантастична биографија, не само за еден млад човек кој сè уште не наполнил четириесет години, туку и за исклучителен борец за демократијата, изјави членот на Преседателството на СНС, Никола Селаковиќ, по завршување на седницата.

Досегашниот пратеник д-р Владимир Орлиќ е едногласно избран на предлог на претседателот на СНС, Александар Вучиќ.

Претседателството на СНС донесе одлука и да го стесни изборот на четворица кандидати за идното раководство на пратеничката група на СНС и да го скрати изборот на потпретседател или генерален секретар на Народното собрание на 4 кандидати и тоа на Миленко Јованов, Марина Рагуш, Невена Ѓуриќ и Сандра Божиќ.

– Еден од заклучоците на седницата е дека Александар Вучиќ е овластен да води разговори за коалицијата за иднат Влада на Србија и дека за 10 дена ќе одржиме нова седница на која ќе ги разгледаме кадровските решенија.