Континуирано преземаме мерки за да обезбедиме сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена, се вели во соопштението од Владата. 

„Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин. Владата, заедно со ресорните институции, постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното“, порачуваат од Владата.
Во изминатиот период, владиниот економски тим и ресорите енергетика имаа повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза во поновата историја.