Полицијата и специјалните сили вооружени патролираат низ целиот град, по денешната експлозија на популарната авенија Истиклал во центарот на Истанбул во која загинаа најмалку шест лица, а најмалку 81 беа повредени.
Улицата во моментот на експлозијата била полна со туристи и локални жители.
Затворен е и дел од јавниот превоз. Коментирајќи ја денешната експлозија, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека првите информации укажуваат на терористички напад.
Иако веднаш по експлозијата почнаа да се шират гласини дека бомбаш-самоубиец е одговорен за експлозијата, според последните неофицијални информации експлодирала чанта оставена на авенијата Истиклал. На социјалните мрежи кружи и фотографија на која се гледа жена која носи црн ранец и има сомнеж дека таа го носи експлозивот.
Потпретседателот Фуат Октај рече дека обвинителите се на терен и дека истрагата се уште е во тек.
„Кој стои зад овој напад ќе биде уапсен и казнет. Ова веќе не е старата Турција и тоа треба сите да го знаат. Овој инцидент ќе го решиме многу брзо, кој и да стои зад него ќе одговара“, рече потпретседателот.
Во обраќањето во живо, Ердоган рече дека се чувствува мирис на ужас, но официјално не објави што ја предизвика страшната експлозија која однесе многу животи. Како што рече, првичните индиции укажуваат на терористички напад во кој учествувала жена, односно дека имала значајна улога во злосторството, пишува Хабертурк.
Ердоган посочи и дека народот треба да биде сигурен дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.