Шефот на дипломатијата Бујар Османи пред малку соопшти дека пристигнал во Блед, Словенија каде што денес и утре се одржува традиционалниот Бледски стратешки форум. Османи на форумот ќе учествува на утрешниот панел „ЕУ и Западен Балкан: кој е подготвен?“
„Штотуку пристигнав во Блед, Словенија на реномираниот Бледски стратешки форум, партнер но и инспирација за нашиот Преспа форум за дијалог. Морам да кажам дека ова најверојатно е првиот форум после 20 години во кој претставник на Република Северна Македонија ќе треба да има поинаков наратив: сега имам привилегија на овој форум да претставам држава која што има започнато преговори со Европската унија“, рече Османи во видео изјавата објавена на социјалните мрежи.
Тој вели дека на форумот ќе ја промовира Македонија и вредностите кои што таа ги има како и предизвиците со кои ќе се соочи во претстојниот преговарачки процес за членство во Унијата, почнувајќи со скринингот кој за неколку дена почнува со кластерот Фундаменти.
„Скринингот е еден од најсуштинските елементи од самите преговори. Тоа што ќе го утврди скринингот, тоа ќе ја дефинира и динамиката и начинот на преговори. Ќе имам можност и за билатерални средби со колеги од регионот и од Европа со цел да разговараме за европските и регионалните предизвици но се разбира и за билатералната соработка“, најави шефот на дипломатијата на стартот на Бледскиот стратешки форум.
Освен Османи на панелот учествува и американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, европскиот посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит, црногорскиот шеф на дипломатијата и други.
На Бледскиот стратешки форум оваа година дојде претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, шефовите на држави и влади на Словенија, Исланд, Хрватска, Албанија, шефовите на дипломатиите на Шпанија, Франција, Турција, Португалија, Полска, Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, претставници на европски парламент, невладини организации, а видео обраќање ќе има и украинскиот претседател Володимир Зеленски.