Кошаркарите на Денвер Нагетс поведоа со 2-0 во осминафиналната НБА серија против Лос Анџелес Лејкерси, откако го добија и вториот домашен меч овојпат со 101-99. „Езерџиите“ имаат за што да жалат во Колорадо бидејќи водеа со 20 разлика на стартот на второто полувреме, меѓутоа му дозволија на шампионот да се врати и на крајот да победи. Интересно е што Денвер водеше само во стартните акции и на крајот од мечот.Ентони Дејвис беше најдобар поентер со 32 поени, а фати и 11 скока, додека Леброн имаше 26 поени и 12 асистенции. Во победничкиот табор се истакна Никола Јокиќ со нов „трипл-дабл“ од 27 поени, 20 скока и 10 асистенции. 

 

Домашниот терен ноќва го одбранија Кливленд Кавалирс и Њујорк Никс и поведоа со по 2-0 во своите серии. Кавалирси славеа и во вториот дуел со Орландо Меџик со 96-86, па пред серијата да се пресели имаат двојна предност. Одново Донован Митчел беше прво име во победата со 23 поени, додека Банчеро уфрли 21 за Меџикси.