Студиите по право на Универзитетот Јејл и адвокатското искуство не ѝ помогна многу на Хилари Клинтон да ја победи ријалити ѕвездата Ким Кардашијан во квиз каде што одговараа токму на прашања за правото.
Инаку, веќе е познато дека Ким Кардашијан сака да го искористи статусот на ѕвезда и за покренување реформи во правосудството, па за време на мандатот на Доналд Трамп се залагаше за помилување на Алис Џонсон, Афроамериканка од Тенеси, која беше осудена на доживотен затвор поради прекршок за дрога, што инаку ѝ беше прво кршење на законот.
Ким минатата година го положи испитот за студенти по право во првата година од студиите. Нејзиниот татко, Роберт Кардашијан, беше познат адвокат кој, меѓу другите, го бранеше О. Џеј Симпсон во 1995 година.
Од друга страна, Хилари Клинтон, по студирањето право, во 1974 година учествуваше во истрагата која требаше да утврди дали има основа за импичмент на претседателот Ричард Никсон. Таа предаваше на Универзитетот во Арканзас, а подоцна стана првата жена што доби партнерски статус во престижната адвокатска фирма „Роуз“ во Литл Рок.