Илјадници демонстранти се собраа пред црногорскиот парламент барајќи повлекување на, како што тврдат, неуставниот закон за претседател на Црна Гора и распишување вонредни парламентарни избори.
Насобраните, според проценките на организаторите, околу 15 илјади, носеа транспаренти со натписи „Стоп за ширење омраза“, „Тука сме, Уставот нема да го дадеме, сакаме избори“, „Тука сме за Црна Гора! ЕУ!“, „Немаме веќе избор – Одиме на избори!“
Демонстрантите извикуваа навредливи слогани кои се однесуваат на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ. На собирот се обратија и претставници на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ и нејзините коалициски партнери, кои претходно повикаа на собир.
„Мораме да го вратиме редот и институционалната сила, да се вратиме на европскиот пат. Ова е борба за правото на пристоен живот. Одиме на избори, граѓаните да ја дадат својата пресуда, за по изборите, ние ќе ја вратиме Црна Гора на европскиот пат. Само што почнавме и нема да застанеме додека не се постигне секоја цел“, изјави Данијел Живковиќ, претставник на ДПС.
Протестот претходно го поддржа црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, наведувајќи на Твитер дека негова „цел е да го врати кредибилитетот и легитимитетот на институциите и да ја заштити Црна Гора“.
Измените на законот за претседател на Црна Гора беа иницирани од просрпскиот Демократски фронт, а беа поддржани од претставниците на демократите на поранешниот претседател на Собранието, Алекса Бечиќ и граѓански ориентираната коалиција на Абазовиќ „Црно на бело“, обидувајќи се на тој начин да го натера Ѓукановиќ да му го довери мандатот за формирање нова влада на поранешниот дипломат од времето на Слободан Милошевиќ, Миодраг Лекиќ.
Ѓукановиќ претходно одби да го стори тоа, наведувајќи дека Лекиќ не бил поддржан од мнозинството пратеници во парламентот, бидејќи 37 пратеници поднеле потписи за кандидатурата на Лекиќ, додека четворица од коалицијата „Црно на бело“ на премиерот Абазовиќ дале само вербална поддршка.
Претседателот на Црна Гора вчера одби да ги потпише спорните измени на законот и ги врати во парламентот на повторно одлучување, но доколку пратениците повторно ги усвојат, Ѓукановиќ ќе мора да ги потпише.
Правниот вакуум настана и поради нефункционирањето на црногорскиот Уставен суд, кој во моментов има само тројца од седум судии и не може да носи одлуки за уставноста на правните акти. Останатите четворица се пензионираа по сила на закон, а пратениците во парламентот не успеаја да се договорат и да обезбедат двотретинско мнозинство за избор на нови.
Во меѓувреме, претседателката на црногорското Собрание Данијела Ѓуровиќ вчера ги повика претседателите на сите парламентарни партии да започнат дијалог за да се обидат да ја разрешат актуелната политичка криза. Ѓуровиќ средбата на партиските лидери ја закажа за в среда, потсетувајќи дека Уставниот суд не функционира и дека е неопходно преку политички дијалог да се најде решение за актуелната комплицирана политичко-општествена ситуација.
Европската унија е длабоко загрижена од гласањето на измените на законот за претседател, со кои всушност се менуваат прерогативите на претседателот на државата со донесување на законот по итна постапка, објави денеска канцеларијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Како што нагласуваат во соопштението, сите законски акти треба да бидат во согласност со Уставот, а сите политички чинители да се воздржат од секакви дејствија кои би можеле дополнително да ја продлабочат институционалната криза и да ги поткопаат демократските институции во државата.
„Со цел да се стави крај на сегашниот ќорсокак, ЕУ ги повикува сите актери да дадат приоритет на градењето консензус и итно назначување членови на Уставниот суд на следното парламентарно гласање на 22 ноември“, се вели во соопштението, нагласувајќи дека целосната функционалност на Уставниот суд е клучен за обезбедување на легитимноста на демократските избори.