Статусот на ДУИ овие две децении е резултат на јасна цел, кадровска организација и адаптирани политички приоритети во реално време, при динамична домашна и надворешна политичка сцена, смета политичкиот аналитичар Ивон Величковски, зборувејќи за апсолутната доминација на ДУИ на албанската политичка сцена наспроти сите други партии на Албанците.
– Политиколошки оваа позиција на ДУИ е одраз на доследноста кон интеграцијата и рамноправноста меѓу граѓаните како домашна цел и интеграциите на земјата како национална, надетничка цел. Социолошки, ДУИ во различни периоди успешно адресираше потреби на своите гласачи од различни генерации, ставајќи се во компетитивна позиција и не само меѓу Албанците. Тековната дебата во ДУИ, точно е, маркира разлики, но она што моментално личи дека е слабост – и овозможува низ внатрешна конкурентност да се насочи во борба со корупцијата и неказнивоста како системски предизвици на Северна Македонија. Во таков случај ДУИ ќе одржи подинамичен статус пред останатите партии и, повторно ќе нагласам, не само меѓу Албанците, изјави Величковски за порталот Индекс.мк
Накратко, додава тој, ДУИ созреваше заедно со електоратот и општеството, со сите подеми и падови и предности и слабости на партија што две децении е во власта.
– Ако ја одржи динамиката, репрезентативноста на своите гласачи и ако не потклекне на инерцијата, ќе продолжи релевантно да креира и спроведува политики, задржувајќи го статусот за кој зборуваме, подвлече тој.