Музичката програма на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на пијано-дуото Кристијан Каровски и Мими Дучева. Двајцата македонски уметници ќе музицираат за фестивалската публика во катедралната црква „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.
Кристијан Каровски е роден во Скопје во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Музичкото образование го започнува во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки оценки и почест „Cum laude”. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано.