Доколку македонската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски не гласаат за уставни измени, неопходни за напредок на земјата на патот кон ЕУ, тогаш ќе влезат во политичка бездна и ќе се оградат од нив и меѓународната заедница, и албанските партии. Доколку гласаат за уставните измени, тогаш во долгорочен план ќе ги зацврстат своите позиции и кај меѓународната заедница, и кај политичкиот фактор во државата.
Вака оценуваат познавачите на политичките случувања во земјава, кои зборуваат за предностите и слабостите од отфрлањето и гласањето на уставните измени од страна на македонската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, има и такви кои велат дека почетокот или крајот на политичката кариера на Христијан Мицкоски не е поврзан со гласањето за уставните измени, туку со неговата доверба во членовите на ВМРО-ДПМНЕ и гласачите.

Селим Ибраими
Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии (ИССД-Македонија) вели дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски и досега беа против, и ако ги поддржи уставните измени без никаков договор тогаш е изгубен.
– Мицкоски и досега беше против, и ако ги поддржи уставните измени без никаков договор, тогаш е губитник. Мицкоски е губитник и пред меѓународната заедница и таму треба да видиме дали тоа е неговиот политички крај. Сè додека игра на националната карта, Мицкоски ќе биде „добриот“ со македонскиот електорат и ужива популарност. Инаку, сегашната ситуација не му дава голема предност на ВМРО-ДПМНЕ за преземање на власта доколку немаме брзи избори. И да има избори или не, се зависи од Ахмети и Таравари и од тоа како ќе функционира новата коалиција, изјави Ибраими за „Локално“.
Според него, за 2/3 од гласовите потребни за уставни измени е потребно проширување на актуелната владина коалиција.
– Тоа треба да го направат Ковачевски и Ахмети заедно со другите опозициски партии на Албанците. Во моментов, само Алијанса за Албанците може да биде подготвена да влезе во владата. БЕСА е против тоа и се обидува да ја урне власта, а од друга страна со услови ги поддржува уставните измени, тоа е цел хаос во владата што треба да се среди до крајот на годината, нагласува тој.

Ивица Боцевски
Политичкиот аналитичар Ивица Боцевски смета дека почетокот или крајот за политичката кариера на Христијан Мицкоски е поврзана исклучиво со довербата која што тој ја ужива кај членството на ВМРО-ДПМНЕ и кај гласачите.
– Во моментот апсолутно мнозинство од граѓаните на Македонија не ги поддржува уставните измени, а сите опозициски настроени граѓани, посебно гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се жестоко против уставните измени. Оттаму, не постои демократска политика во Македонија која што подразбира уставни измени по бугарски терк. Така што, прашањето е поинакво, односно како СДСМ ќе ги преживее овие анти-демократски и анти-граѓански одлуки кои што ги донесоа од 2017 година, па сè до денес, изјави Боцевски за „Локално“.

Благојче Атанасоски
Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски лидерот на опозицијата ги подигна влоговите со неговата изјава дека ,,доколку и еден пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени за влез на Бугарите во македонскиот највисок правен акт, тој ќе си замине трајно од политиката“.
– Оваа негова изјава е меч со две острици и му претставува камен околу вратот кој сам си го стави, очигледно. Од една страна тој даде ветување пред тврдото партиско јадро и членство дека ќе биде ,,бранител на македонските интереси“ и дека нема да попушти, од друга страна со евентуално блокирање на процесот за Уставни измени се сопира европскиот пат на Македонија, за што директно посочија сите европски претставници, вклучувајќи го и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј кој доаѓа од партијата Фидес на Виктор Орбан, политички интимус на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, спречувањето на македонската евроинтеграција од страна на лидерот на опозицијата, може да биде протолкувано и како директно одработување за руските интереси на Балканот, на штета на американските и европските за стабилизација и предвидливост на иднината на земјите од Западниот Балкан, изјави Атанасоски за „Локално“.
Исто така, додава тој, таа опасна политика, на Мицкоски ќе му донесе и многу слаб, речиси никаков коалициски потенцијал кај етничко албанските партии кај нас, што веќе и се насетува по нивните изјави.
– Мицкоски сега се наоѓа ,,угоре високо, удолу длабоко“. Ако ги прифати Уставните измени, ќе треба да си додржи на својот збор и да се повлече од политиката (во што јас лично, воопшто не верувам), и да го разочара и разбесни тврдото,, патриотско” гласачко тело, а ако навистина се спротистави тогаш ризикува да се спротистави директно на највисоката европска и американска дипломатија и администрација. Најверојатно, ќе прави некои фразеолошки пируети со кои ќе кажува дека издејствувал некакви гаранции од ЕУ челниците, и тоа ќе сака да го претстави како свој успех и своја победа или народски што би се рекло,, и волкот сит и овците на број”. Односно уставните измени да се изгласаат во содејство со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму Мицкоски да продолжи да биде лидер и да го убедува членството дека постигнал успех за Македонија, благодарение на неговата политика, вели Атанасоски.

Петар Арсовски
Петар Арсовски – политички аналитичар вели дека меѓународната заедница многу јасно порача, па дури и комесарот Вархеји, дека очекуваат од сите партии во Северна Македонија да го подржат евроатланскиот пат на државата преку промена, односно гласање на неопходните уставни измени.
Според него, ако Мицкоски се задржи на претходната своја позиција дека не знаат како ќе гласаат, тогаш ќе стане неприфатлив за меѓународната заедница и за сите Албански партии, и така резултатите на изборите ќе станаат неважни и нема да има коалиционен партнер.
– Заради тоа Мицкоски го омекнува ставот и дека размислува за тоа кои се условите под кои би ги прифатил уставните измени. А мислам заради сопственото гласачко тело, па и заради партиите на Албанците го оменкнува, балансира ставот за прашањето оклоу 20 %, балансерот и сл. Мислам дека е тоа игра за сопствентите гласачи. Ако Мицкоски подржи уставни измени, привремено партиите на Власт ќе добијат некој ќар, бидејќи условно кажано го прекршиле Мицкоски, меѓутоа на долг рок Мицкоски ќе стане по прифатлив за меѓународната заедница и за Албанците, изјави вчера за „Локално“, политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Д.Ј.