Актуелниот лидер во првенството на Македонија во Twingo Cup, Марко Блажевски со нов триумф на патеката Гробник, Хрватска го зголеми водството во генерален пласман и направи серија од три победи по ред.
Во конкуренција на 36 возачи, на трката на Гробник од шест земји Марко Блажевски се до последниот свиок беше во водство и блиску до триумф во генерален пласман, но „заробен“ од неколку Словенци немаше шанса на последниот правец пред целта да ја задржи брзината и во фотофиниш сепак му избега подиумот.
Првите шест возачи во генерален пласман што се бодуваше и за ЦЕЗ и за првенството на Словенија, беа во временска разлика од помалку од една секунда и целата трка беше возбудлива, па дури и безбедносното возило излезе на патеката на 13 минути пред крајот. Туркања, престигнување, интересни дуели имаше во текот на целата трка, нешто по што Twingo Cup е препознатлив и поради што има и толку натпреварувачи.
Покрај Марко Блажевски кој победи, на пиедесталот во бодувањето за првенството на Македонија се најдоа и Давид Малинковски кој беше второпласиран и Зоран Мираковски како третопласиран. Со триумфот на Гробник сега Блажевски има 75 бода, десет повеќе од актуелниот првак Давид Малинковски кој има 65 бод аи на трката беше второпласиран. Зоран Мираковски по третпат се искачува на пиедесталот сезонава и со новите 12 бода сега има 46 бодови во генерален пласман.
На Гробник беа планирани две трки од Twingo Cup; но вториот натпреварувачки ден беше целосно откажан по инцидентот со фатални последици што се случи на едночасовната трка на издржливост Endurance. Организаторот реши да ги откаже сите трки од неделата, меѓу кои и оние од Twingo Cup.
На патеката на Гробник имаше пријавено рекордни 38 возачи, а се појавија вкупно 36 од шест земји. Осуммина Македонци имаше на стартот и во квалификациите. Блажевски во квалификациите го освои седмото место и беше наш најдобра возач, а очекуваше и подобар резултат, но поради екстремно жешкото време имаше проблеми со притисокот во гумите. Поради многуте возила на патеката тешко беше да се постигне најдобро време бидејќи имаше многу сообраќај и требаше многу знаење па и среќа да се најде идеалната линија за постигнување најбрзо време.
Од самиот почеток се создавање мешаница на патеката но Блажевски остана на седмото место и после неколку кругови веќе напредуваше неколку места, па и привремено беше и лидер. Многу туркање, возење еден зад друг, а Блажевски изби напред и притискаше да стигне како првопласиран. Последните кругови возеше на првото место, одлично се држеше но возилото немаше доволно сила на им се спротивстави на ривалите особено на долгите правци. Затоа и на стартно-целната рамнина беше престигнат, а победникот беше решен со фотофиниш.
Но, и покрај тоа четвртото место е одличен успех за Блажевски кој покажува дека има потенцијали и квалитет да биде во самиот врв на колоната. На втората трка требаше да тргне од четвртото место, но таа трка беше откажана.