Владиното рекламирање се враќа на сцената со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски. Во моментов, Членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги гласи: „Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери”.

Останува полемиката дали и порталите и електронските медиуми треба да се стават во новата законска рамка, односно дали од Буџетот да се издвојува за нив.

Претседателката на Советот за етика во медиумите Катарина Синадиновска во разговор за „Локално“ вели дека јавните пари во медиумите се оправдани само доколку резултираат со конкретни медиумски производи и се во насока на поддршка на квалитетот и состојбите на новинарството и новинарите.

-И ова се однесува за сите видови медиуми. Советот за етика во медиумите има конзистентен став по ова прашање, изграден заедно со партнерските новинарски организации од дома, но и од Европа и врз основа на препораките кои доаѓаат директно од Европската Комисија, рече Синадиновска.

Околу новата структура која што се предлага со учесници од партиите како комисија кои ќе одлучуваат за финансиските средства, Синадиновска вели дека ја воочиле откако беше зготвена без никакво учество на професионалните организации и кога на еден крајно нелегитимен начин се најде во Собранието и тоа по скратена постапка.

-Се разбира дека не само што не е во ред таа структура туку е и крајно опасна за слободата на медиумите и за слободата на говор, воопшто, и претставува една чиста партизација и претворање на медиумските прашања во производ за меѓупартиски пазар, децидна е соговорничката.

Според неа, проблемите со финансирањето и транспарентноста на финансирањето на порталите и на медиумите во целина е пресериозно прашање за да биде оставено на луѓе кои фактот што залутале во политика мислат дека им дава право да носат одлуки што не се изградени со експертско знаење и со учество на професионалните новинари.

-Политичките партии се главните креатори на „сомнителните“ портали, особено пред избори и тешко дека тие или закони креирани во партиски кујни можат да водат кој решение на каков било медиумски проблем, објаснува Синадиновска.

Таа е категорична дека измените на законот ќе воведат ред во финансирањето и ќе ги спречат партиите да имаат свои „миленичиња“ и смета дека со овој начин Владата со рекламирањето може да направи дисторзија на пазарот.

-Ние имаме и една сериозна обврска да бидеме дополнително внимателни имајќи предвид дека не беше многу одамна кога токму на ваков начин (со многу повеќе пари, за волја на вистината) се упропасти пазарот. Истражувањата во изборната 2012 покажаа дека имавме медиуми кои имаа замислете по над 300 или 400 проценти раст на профитот на годишно ниво и беа рамо до рамо со најголемите македонски компании. Тоа беше екстремен случај и доказ за дисторзија не само на медиумскиот пазар, туку и на македонската економија. Фактот што сега се далеку помалку пари во прашање не смее да нѐ смирува кога се работи за истата суштина. Фактот што сега нема Владата туку пратеници ќе учествуваат во одлуките за делењето на парите еднакво не смее да биде оправдување – сите сме свесни за начинот на којшто функционираат пратениците, оценува Синадиновска.

Соговорничката порачува дека Европската комисија и самата комесарка Вера Јурова немаат дилема дека ова може да резултира со создавање на клиентелистички врски меѓу медиумите и центрите на моќ.

-Овој став го делиме целосно со едно дополнување – имајќи предвид за македонското политичко ниво, култура и демократија, ова не само што може, туку кај нас сигурно ќе резултира со зајакнување на веќе постоечките клиентелистички релации и градење на нови, заклучува Синадиновска.

Професорот и комуниколог Сеад Џигал во разговор за „Локално“ исто така се согласува дека станува модел кој е многу ризичен за слободата и за независноста на медиумите.

-Екстремно негативните локални искуства од минатото, степенот на политичка и медиумската култура недвојбено алармираат дека оваа можна мерка, односно нејзино враќање, отвора огромна можност за злоупотреби, комрумпирање на медиумите, наметнување на автоцензура и гушење на и така кревката слобода на медиумите, вели Џигал.

Тој не оправдува порталите и електронските медиуми да бидат ставено во новата законска рамка бидејќи според него нефункционалниот медиумски пазар мора да се решава системски и на исправен начин, а не со изнудени мерки за наводно спасување на медиумите.

Џигал истакнува дека според таквиот предложен модел јасно е дека партиските претставници нема да водат сметка за независноста на медиумите и за нивната професионалност, туку како да го систематизираат и да го легализираат своето влијание врз нив.

-Од влијание до контрола мошне е тенка границата, како што ни покажува и искуството од минатото. Текстот и концептот на законите е важен, но уште поважна е нивната имплементација. Знаејќи ги локалните политички и економски реалности, јасно е дека и во вака замислена форма има многу дупки и простор за можни злоупотреби, подвлекува комуникологот.

Соговорникот не очекува со измените на законот да се воведе ред во финансирањето на медиумите.

-Потребен е поинаков приод кој ќе произлезе од професионалните медиумски здруженија и синдикални организации на новинарите, здрава реконструкција на медиумскиот пазар кој според квалитетот и професионалноста ќе го саморегулира текот на информации и средствата потребни за функционирање на медиумите, оценува Џигал.

За една од најголемите опасности од враќање на владините реклами, вели Џигал е токму тоа Владата да стане најголем закупец на медиумскиот простор. Според него, добрите намери и ветувања не се доволни кога се работи за вакви сериозни и сензитивни општествени, како што и вели познатата сентенца дека патот до пеколот е поплочен со добри намери.

-Секако може и треба да се размислува во услови на економска криза и на инфлација да им се олесни деловното работење на медиумите, преку мерки на даночни и режиски олеснувања, транспарентност и отвореност на институциите, додека директно канализирање на финансии од државата кон нив приватните медиуми треба да се одбегнува или да се сведе на минимум, рече Џигал.

Н.П.