Четворица полицајци се суспендирани поради прекршување на наредбата за заштита на Хамида Магашин, трудница која беше убиена на 30 ноември, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља. За убиството се сомничи нејзиниот сопруг.
Препорака за суспензија на полициски службеници претходно даде и полицискиот инспекторат на Косово.
Според Инспекторатот, командирот на полициската станица во Липјан, наредникот и двајца истражители се осомничени за кривичните дела злоупотреба на службената положба или овластување и фалсификување службена исправа.
Министерката за правда Албуљена Хаџиу изјави дека убиството на Хамиде Магашин е „последица на институционална неодговорност“.
Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти рече дека одговорните лица мора да поднесат оставки или да бидат разрешени.
Триесет и петгодишната Хамида Магашин, наводно била убиена од нејзиниот сопруг Сокол Халили во близина на Гинеколошката клиника во Приштина, каде го чекала раѓањето на своето дете. Не преживеало ниту детето што го носела.
Основниот суд во Урошевац потврди дека претходно и издал налог за заштита на жената од насилниот сопруг од 13 септември 2022 година до 13 март 2023 година.
Истиот суд на 23 септември го прогласи за виновен обвинетиот Халили за кривичното дело неовластено држење оружје, врз основа на што е казнет.
По два дена во бегство, на 2 декември, властите објавија дека Халили извршил самоубиство и покрај обидите на полициските службеници да го убедат да се предаде.