Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го поздрави договорот меѓу Белград и Приштина околу личните документи.

– Го поздравувам договорот под покровителство на Европската унија за слобода на движење меѓу Косово и Србија. Ги охрабрувам Александар Вучиќ и Албин Курти да ги решат преостанатите несогласувања преку политички дијалог. НАТО и КФОР ќе останат будни – порача Столтенберг на Твитер.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, синоќа објави дека е постигнат договор за документите меѓу Белград и Приштина.

– Постигнавме договор. Како дел од дијалогот под покровителство на ЕУ, Србија се согласи да ги укине документите за влез/излез за имателите на косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за имателите на српски лични карти – објави Борел на Твитер.