Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој по повод националниот празник Илинден се обрати од пред споменикот Македониум, истакна дека тој претставува симбол на непокороноста, борбата, вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Во куполата на споменикот се наоѓа и гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев.
-Првиот Илинден – симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедување, отсликан во првата Република на Балканот – Крушевската и нејзините славни ѕидари, во Крушевскиот манифест, војводите и комитите, спомен обележјата околу нас, тука во Крушево. И вториот, оној на АСНОМ, кој ни донесе остварување на идеалите на Илинденците, како симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, на хероите – партизани, на Прохор Пчињски, Пелинце и секаде каде што историјата оставила свој печат како паметник за идните генерации. Денеска сме тука да си приспомнеме на херојството на нашите претци, на нивните дела и да им се оддолжиме, рече Спасовски.