Јанез Јанша. Фото: Кабинет на премиерот

„Словенија наскоро ќе ги испрати своите дипломати назад во Киев. Тие ќе бидат волонтери. Ние работиме да ја натераме ЕУ да го направи истото. На Украина ѝ треба директна дипломатска поддршка“, напиша во неделата словенечкиот премиер Јанез Јанша на Твитер.

Откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари, амбасадорот на Словенија во Киев, Томаж Менцин, го напушти главниот град на Украина и амбасадата оттогаш е празна.

Минатата недела, за националната радио-телевизија на Словенија, Јанша изјави дека кога повеќето од важните амбасадори ја напуштиле Украина, Украинците се чувствувале напуштено.

Тој додаде дека враќањето на дипломатските претставници на Европската Унија е првиот предлог  што дојде откако тројца европски лидери, вклучително и Јанша, го посетија Киев минатата недела за да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и да изразат поддршка за борбата на Украина.

Заедно со Јанша, во делумно опкружениот град отпатуваа и полскиот премиер Матеуш Моравјецки и Петр Фиала од Чешка.

За време на интервјуто, Јанша призна дека враќањето на дипломатите во Украина не е без физички ризици, поради што ќе бидат потребни волонтери.