Словенечката влада денеска ќе поднесе предлог за забрзување на процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ) кон Западен Балкан, во контекст на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова утрово го потврди новата министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
Таа изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но дека не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес за политиката на проширување на ЕУ да остане кредибилна.
Во документот што го поднесе Љубљана до другите 26 земји членки се бара отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина.
Фајон предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Северна Македонија, Албанија, Косово и БиХ.
Поддршка за Северна Македонија и Албанија се очекува да дадат повеќе министри за надворешни на ЕУ, меѓу кои Австрија, Германија и повеќе источноевропски земји.
Што се однесува до кандидатскиот статус, почувствителна е ситуација со БиХ. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји минатата недела изјави дека БиХ треба да ги исполни зацртаните 14 приоритети договорени со ЕУ и дека доделувањето статус на кандидат без тоа би било рамно на „попуст“.
Косово од своја страна останува непризнато од пет земји членки на ЕУ, што ги отежнува преговорите за визна либерализација. Косово е единствената земја во регионот чии граѓани сѐ уште мораат да патуваат со визи во ЕУ и Шенген.