Барселона на гостински терен го победи ПСЖ со 2-3 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Шпанците поведоа во 37. минута преку Рафиња, но домаќините направија пресврт со головите на Дембеле во 48. минута и Витиња во 51. минута. Сепак, Рафиња израмни во 62. минута, а Кристенсен го донесе пресвртот за Барселона во 77. минутаИ додека сите телевизии добија изјави од играчите на двата тима по натпреварот, шпанската телевизија „Мовистар“ остана лишена oд таа можност. Виновникот за овој преседан е поранешниот голман на Атлетико, Герман Бургос, кој ја навреди ѕвездата на Барса, Ламин Јамал. Додека зборуваше во студиото на стадионот пред натпреварот, Јамал жонглираше со топката зад него.

„Доколку не му успее фудбалската кариера, може да заврши на семафорите“, рече Бургос, алудирајќи на тоа дека фудбалерот на Барса од 200 милиони евра би можел да жонглира и на раскрсница.

Неговиот коментар доби жестоки критики на социјалните мрежи, а стигна и до играчите на ПСЖ и Барселона, кои одбија да дадат изјави за „Мовистар“ по натпреварот и побараа негово извинување.

„Немав намера да го повредам Јамал. Ако некој се почувствува навреден, јавно се извинувам“, изјави Бургос во студиото по натпреварот, но тоа не му помогна на дигиталниот канал да добие изјави од играчите.

Реваншот во Каталонија меѓу францускиот и шпанскиот шампион е закажан за следниот вторник.