По смртта на неговата мајка, британската кралица Елизабета Втора, нејзиниот најстар син, кој има 73 години, Чарлс го наследи тронот како и нејзиното приватно богатство, колосално наследство што ќе го добие без плаќање данок на наследство, што е привилегија резервирана за наследниците на кралот.

Иако ништо не ги обврзува британските монарси да ги откријат своите приватни финансии, познато е дека Елизабета поседувала лично богатство од 370 милиони фунти во 2022 година, пишува Сандеј Тајмс, односно пет милиони повеќе од претходната година.

Zамокот Балморал, летувалиштето на кралското семејство

Бакингемската палата, кралската резиденција во Лондон и замокот Виндзор, триесет километри западно од Лондон, се државна сопственост. Сепак, замокот Балморал, летувалиштето на кралското семејство и резиденцијата Сандрингем, каде кралското семејство традиционално го слави крајот на годината, биле во сопственост на кралицата и ги наследува Чарлс.

Кралицата поседувала и колекција на кралски поштенски марки вредна околу 100 милиони фунти, според пишување на Тајмс во 2021 година.

Богатството на кралицата се додава на личното богатство на Чарлс, проценето на 100 милиони долари (87 милиони фунти).

 

Познатите скапоцени камења на круната, проценети на околу три милијарди фунти, симболично и припаѓаа на кралицата и автоматски се пренесува на нејзиниот наследник.

Принцот Филип, сопругот на Елизабета, остави поскромно богатство од 30 милиони фунти кога почина во април 2021 година. Тој поседувал колекција од околу 3.000 слики, од кои повеќето биле оставени на пријателите и семејството.

Познавачите велат дека Елизабета најверојатно оставила тестамент, а некои помали суми пари ќе наследат членовите на блиското семејство, но не и најголемиот дел од богатството кое му припаѓа на Чарлс.

Редоследот на наследување на британската круна

Откако принцот Чарлс стана крал на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, се помести линијата на наследување на круната.

1. Принцот Вилијам, најстариот син на Чарлс и покојната принцеза Дијана. Оженет е со Кејт, војвотката од Кембриџ. Нивните три деца следуваат по редослед на наследување.

2. Принцот Џорџ од Кембриџ, роден во јули 2013 година.

3. Принцезата Шарлот од Кембриџ, родена мај 2015 година.

4. Принцот Луи од Кембриџ, роден во април 2018 година.

5. Принцот Хари, помладиот син на Чарлс и Дијана.

6. Арчи Маунтбатен-Виндзор, дете на Хари и Меган, војвотката од Сасекс, е роден во мај 2019 година.

7. Лилибет Маунтбатен-Виндзор, родена јуни 2021 година.

8. Принцот Ендру, вториот по старост син на кралицата Елизабета Втора и принцот Филип.

9. Принцезата Беатрис, најстарата ќерка на принцот Ендру и неговата поранешна сопруга Сара Фергусон.

10. Сиена Елизабет, ќерка на Беатрис и Едоардо Мапели Моци, родена септември 2021 година.

11. Принцезата Јуџини, помладата ќерка на принцот Ендру и Сара Фергусон.

12. Аугуст Бруксбанк, син на Јуџини и Џејмс Бруксбанк, роден во февруари 2021 година.

13. Принцот Едвард, најмладото дете на кралицата и Филип.

14. Џејмс, виконт Северн, помладото дете на Едвард и неговата сопруга Софи, грофицата од Весекс.

15. Лејди Луиз Маунтбатен-Виндзор, ќерка на Едвард и Софи.

Што се ќе се смени во Британија по смртта на кралицата

Од ново лице на банкнотите и поштенските марки до текстот на националната химна, Британија ќе претрпи одредени промени по смртта на кралицата Елизабета Втора.

Зборовите на британската национална химна, која потекнува од 18 век, ќе се сменат од „Боже чувај ја кралицата“ во „Боже чувај го кралот“.

Според веб-страницата на кралското семејство, химната била напишана во екот на патриотскиот занес по победата на принцот Чарлс Едвард Стјуарт над војската на кралот Џорџ Втори во септември 1745 година во Шкотска.

„Боже чувај го кралот“ била патриотска песна за првпат јавно изведена во Лондон во 1745 година, а станала позната како Национална химна на почетокот на деветнаесеттиот век.

Вообичаено се пее само првата строфа која сега ќе гласи: „Боже чувај го нашиот милостив крал! Да живее нашиот благороден крал! Боже чувај го кралот! Дарувај го со победа, среќа и слава, долго нека владее над нас, Боже чувај го кралот!“.

На новите монети и банкноти ќе биде ликот на кралот. Старите монети и банкноти ќе останат во оптек додека со време не бидат заменети.

Кога монархијата била обновена во 1660 година по десетгодишната република на Оливер Кромвел, станало вообичаено монархот да го врти лицето во спротивна насока од неговиот претходник.

Кралицата Елизабета гледала десно, па Чарлс Трети ќе гледа лево. За време на долгото владеење на Елизабета, на монетите се користени пет нејзини различни портрети.

Ќе се менуваат и поштенските марки, така што на нив ќе биде прикажан портретот на новиот крал.

Промени ќе претрпи и кралската „шифра“, монограмот што го користи монархот и кој моментално се состои од печат на кој пишува „EIIR“ под круната на Свети Едвард.

Овој монограм може да се најде низ Британија и се појавува на сè, од црвени поштенски сандачиња до полициски униформи. Според традицијата, со новиот крал се менуваат и монограмот и кралскиот грб.

Сепак, монограмите ќе се појавуваат само на новите поштенски сандачиња, така што тие на кралицата ќе останат илјадници ширум земјата, исто како што останаа многу од претходните монарси кои беа поставени пред нејзиното крунисување.

Ќе се сменат и титулите. Угледни пратеници ќе станат членови на Советот на кралот наместо на Советот на кралицата, а титулите што користат „на кралицата“ ќе се променат во „на кралот“.

Ј. Ѓ.