Идејата за оваа нова политичка структура дојде од францускиот претседател Макрон кој ја јавно ја соопшти  на 9 мај во Стразбур. Претседателот Макрон го започна својот говор во Европскиот парламент со повик за создавање на ЕПЗ.

„Ова треба да овозможи демократските европски нации да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност и соработка во областа на енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата која ќе овозможи поголема мобилност, особено на младите“ – рече Макрон објаснувајќи ја оваа своја идеја.

Воедно, беше кажано дека ЕПЗ е инспирирана од поранешниот претседател Франсоа Митеран кој во 1989 побара формирање на европска конфедерација која треба да одговори на потребата за повеќе инклузивност.

ЕПЗ, како што објасни Макрон, е неформална структура која нема да носи обврзувачки одлуки, туку ќе преставува простор за дијалог и градење на пракса за заедништво на континентот. ЕПЗ треба да биде простор за дебата чија цел е да се разговара околу клучните геополитички прашања: Kако како да се соочиме со руската нахалност, нестабилноста и безбедносните ризици  на перифериите на континентот, големите глобални системски предизвици, заканите за безбедноста од новите технологии, климатските промени, обезбедувањето нови енергетски ресурси, миграциите, заканите организираниот  криминал и односите со други геополитички актери на светската политичка сцена.

На ова се надоврза и заклучоците на Европскиот совет во јуни на кој беше закажан денешниот прв состанок. Целта е да  се понуди платформа за политичка координација на европските земји низ целиот континент околу заеднички интереси за да се зајакне безбедносната, стабилност и просперитет на европскиот континент“ се вели во заклучоците на Европскиот совет во кои се потенцира дека ЕПЗ „нема да ги замени постоечките политики и инструменти на ЕУ, особено не проширувањето.“

Извор: Новинската агенција Анадолија

Во контекстот на овие најави денска во Прага ќе се соберат 44 европски шефови на држави и влади на инаугуративната средба на Европската политичка заедница. Собир на лидери од земјите членки на ЕУ, оние кои се аспиранти за членство но и оние кои не сакаат да се приклучат на Унијата, како што се Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство.

Состанокот ќе започне со  пленарна сесија по што ќе следат две одвоени тркалезни маси  за дискусии на две теми: првата за прашања поврзани со   мирот  и безбедност и  втората за  енергетските предизвици, климатските промени и економските прашања. Резултатите од работата на двете тркалезни маси ќе бидат презентирани на работната вечера на која повторено се собираат сите 44 шефови на држави и влади. На маргините се очекува да се случат и бројни билатерални средби.

Она што е важно за нас е тоа дека земјите аспиранти за членство во повеќе наврати, со оглед на сомнежите околу тоа дека ЕПЗ е алтернатива на проширувањето, добија уверување дека ЕПЗ  не е утешна награда со која ќе бидат задржани надвор од Унијата.

Во најавите за формирање на оваа неформална политичка структура исто така беше јасно ставено до знаење дека ЕПЗ не го заменува Советот на Европа кој останува да биде форум за дебата околу прашања поврзани за демократските вредности, како што се човековите права, ниту пак алтернатива за ОБСЕ во која членка е Русија со која во моментов е невозможно да се разговара за било кои прашања од заеднички интерес.

Како домаќин за следната сесија на ЕПЗ се понуди Молдавија.

Борјан Јовановски / НоваТВ