Германскиот канцелар, Олаф Шолц, изјави дека реконструкцијата на Украина ќе биде поврзана и прилагодена на идниот влез на земјата во Европската унија.
„Кога ќе ја обновиме Украина, тоа ќе биде спроведено во согласност со целта за влез на Украина во Европската унија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на германско-украинскиот економски форум во Берлин.
Според него, сообраќајната инфраструктура како и транспортниот сектор мора да се обнови за да се овозможи непречено поврзување со инфраструктурата на Европската унија. Ова, како што рече, ќе фаворизира привлекување инвеститори.
„Кој денес инвестира во Украина, тој инвестира во идна членка на Европската унија, која ќе биде дел од нашиот правен систем и заедничкиот пазар“, рече Шолц. Тој ја повика украинската влада да ги подобри условите за странските инвеститори и да го зајакне владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Украинскиот премиер Денис Шмихал, кој исто така учествуваше во работата на економскиот форум, вети брзо создавање услови за странските инвеститори, но нагласи дека на Украина и е потребна помош однадвор.
„На Украина и’ е потребна помош од европските компании за да ги спроведе овие смели проекти“, рече Шмихал.
Тој се заблагодари на германската влада и народ за поддршката што ја добива неговата земја за да се одбрани од руската агресија.
„Ќе победиме во оваа војна“, нагласи украинскиот премиер.
Германско-украинскиот економски форум се одржува како подготовка за донаторска конференција за Украина, која ќе се одржи во вторник во Берлин.