Започна да се применува временскиот режим на сообраќај во летниот период на патиштата во Македонија со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса надминува 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Забраната важи во периодот од 17 до 22 часот во петок, од 9 до 18 часот во сабота и од 9 до 22 часот во недела. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11 до 17 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.

Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото и трае до 1 септември.