Државата и граѓаните останаа без 100 милиони евра од ЕБОР во време на криза, поради деструктивноста на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинија утрово од СДСМ.

Владеачката партија потенцира „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нека им ги вратат парите на граѓаните“.

-Како ниедна опозиција во светот, како ниеден политичар во светот ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски наместо да помогнат тие дополнително ја отежнуваат состојбата во време на светска економска и енергетска криза. За разлика од таквиот деструктивен однос, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски обезбеди 80 милиони евра од ЕУ за директна поддршка за справување со енергетската криза, велат од партијата од „Бихаќка“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера соопшти „заемот од 100 милиони го блокирале затоа што со него се презема обврска да се затвори РЕК Битола и Осломеј и остават на улица 4000 вработени“.

-Затворање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 година, затворање на РЕК Битола до крајот на 2027 година и пуштање на нов капацитет ЕСМ или во приватно партнерство со приватен инвеститор до крајот на 2025 година со инсталиран капацитет од 210 MW (тоа значи за 3 години да се испроектира, изгради и пушти во употреба капацитет кој денес никој не го гледа, а за кој изминативе 5 години влада на сдсм/дуи никој не слушнал).Блокираме за да спасиме 4000 директни работни места и најмалку двојно повеќе индиректни работни места. Блокираме за да го спасиме столбот на сувереноста на Македонија, РЕК Битола од затварање. Продолжуваме со активната блокада за спас на Македонија и граѓаните на Македонија, соопшти вчера Мицкоски на првиот политички саем на градоначалниците од неговата партија.