Ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој. Секогаш кога ѝ било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на традиционалниот народен пикник на Пеленица по повод 8 Септември.

„Од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па сѐ до почетокот на преговори со ЕУ оваа година. И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и сѐ уште е на вистинската страна на македонската современа историја“, изјави Ковачевски.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека се подготвени и за претстојниот тежок период.

Тој ја оцени иницијативата за референдум на опозицијата како „последна потврда за хипокризијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“ и порача дека лажниот патриотизам не поминува повеќе.

„Затоа Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против предлогот во Собрание. Затоа најавуваше поништување на територијалната поделба а не го направија тоа. Затоа избегаа од референдумот за Преспанскиот договор. Затоа и поставија прашање за Договор за кој јавно кажаа дека го поддржуваат“, рече Ковачевски.