Партиската функционерска тројка на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија синоќа се упати на протести во Скопје користејќи возило на Општина Гевгелија, соопштија попладнево од СДСМ Гевгелија.

Според општинската организација на владеачката партија, службениот автомобил „Опел Инсигниа“ со регистарски ознаки GE 1000 AB го напуштил паркингот пред општинската зграда во 16 часот, после работно време и се вратил на местото во 23 часот.

-Седум часа беше во „служба“ на Димитар Вегов, претседател на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, кој управуваше со возилото на релација Гевгелија-Скопје-Гевгелија. При тоа, Димитар Вегов не е вработено лице во општина Гевгелија. Сопатник му беше градоначалникот на Општината Андон Сарамандов. За „работниот“ карактер на посетата на Скопје тие имаат и заедничка фотографија со реквизити за протест против почеток на преговорите со ЕУ што се одржа во Скопје, велат од партијата.

СДСМ Гевгелија бара одговор од градоначалникот Сарамандов: за какви потреби беше вчера ангажирано службеното возило на општина Гевгелија „Опел Инсигниа“ и да го презентира патниот налог за истото, со платените патарини, за ден 12.07.2022 година.

-Општинските ресурси се наменети за потребите на граѓаните и граѓаните имаат право на одговор, кој им ги злоупотребува општинските добра и кој ги троши јавните општински ресурси за партиски цели!?, прашуваат од партијата.