Благодарение на зголемената побарувачка за чипови, лидерот во индустријата Samsung Electronics објави нагло подобрување во своите оперативни резултати во првиот квартал од оваа година.

Како што соопшти денеска јужнокорејската компанија, според првите пресметки, оперативната добивка се зголемила повеќе од десет пати на годишно ниво.Се очекува добивката од основната дејност на Samsung да изнесува 6.600 милијарди вони (приближно 4,5 милијарди евра) во периодот од јануари до март, објави денеска компанијата преку берзата во Сеул. Во првиот квартал од минатата година таа изнесуваше 640 милијарди вони.

Раководството на Samsung очекува конечните оперативни податоци за првиот квартал да покажат раст на продажбата од 11,4 отсто до 71 трилион вони (48,5 милијарди евра). Групата ќе објави официјални податоци на крајот на месецот, пренесе француската новинска агенција АФП.

Samsung Electronics, најважната подружница на јужнокорејскиот гигант Samsung Group, е и лидер на пазарот на ТВ. Што се однесува до паметните телефони, минатата година, според пресметките на истражувачите на пазарот, американскиот Apple ги измести Јужнокорејците од позицијата најголем снабдувач на паметни телефони во светот.

Прекумерната понуда и слабата побарувачка долго време ги мачат производителите на чипови. Сепак, Samsung веќе ги забележа првите знаци на закрепнување во четвртиот квартал од минатата година. Според очекувањата на компанијата, ова треба да продолжи и оваа година. Во исто време, целата индустрија има најголема корист од растот на цените на чиповите, што е резултат на бумот на вештачката интелигенција.

Веста од Samsung доаѓа откако јужнокорејскиот SK Hynix, вториот по големина производител на чипови во светот, во јануари објави дека се вратил на профит по четири последователни квартали со загуби.