Спејсекс, компанијата на Илон Маск, побара од Пентагон да ги преземе трошоците за финансирање на многу важните сателити Стралинк за комуникација на украинските војници, објави вчера Си-ен-ен. Илон Маск минатата недела на Твитер напиша дека оваа операција го чинела Спејсекс 80 милиони долари, а до крајот на годината ќе надмине 100 милиони долари.

Според проценките на Спејсекс, цената на сателитите во Украина во следните 12 месеци би била и повеќе од 400 милиони долари. „Веќе не сме во позиција да донираме нови терминали на Украина или да ги финансираме овие постоечките на неодреден период“, се вели во писмото испратено од Спејсекс.

Еден ден по написот на Си-ен-ен, откриено е дека Пентагон го разгледува предлогот на Спејсекс. Во соопштението на Министерството за одбрана на САД се наведува дека САД прават сѐ што е можно да ги задржат сателитите кои ѝ помагаат на украинската војска.

Портпаролката на Пентагон Сабрина Синг откри дека се разгледуваат и партнерства со други компании. „Не е само Спејсекс, постојат и други со кои можеме да соработуваме кога станува збор за помош на Украина и нејзините потреби на бојното поле“.