За саботажите на гасоводите Северен тек 1 и 2 на крајот од септември во Балтичкото Море преку кој рускиот гас се испорачува во Германија и Европа, стои оној што сака да ги прекине врските меѓу Русија и Европската унија и да ја уништи неа, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи се на форумот Руска енергетска недела.

„Кој стои зад диверзиите на Северните текови? Очигледно некој што сака конечно да ги урне врските меѓу Русија и ЕУ, конечно да го поткопа и докрајчи политичката сувереност на Европа, да се ослаби нејзиниот индустриски потенцијал, да го преземе пазарот“, рече Путин кого го цитира агенцијата ТАСС.

Рускиот челник, избегнувајќи да именува специјално некоја земја или служба, сепак прецизираше дека саботажата можел да ја изведе „само некој“ кој е технички способен да организира такви експлозии „и веќе прибегнал на таква саботажа, и бил фатен на дело но останал неказнет“.

Путин всушност алудира на изјавата од минатата среда на главниот секретар на рускиот Совет за национална безбедност, Николај Патрушев, кој потсети дека саботажата врз цевководите на двата гасовода Северен тек наликуваат на нападот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во 1983 година врз нафтената инфраструктура во Никарагва.

Рускиот претседател, покрај тоа, посочи дека познато е дека полза од експлозиите на Северен тек 1 и Северен тек 2 имаат САД кои значително ги зголемија испораките во Европа на својот поскап течен природен гас (LNG), како и земјите со алтернативни рути на испорака. Полска, на пример, кусо по инцидентот во Балтичкото Море со руските гасоводи го пушти во функција својот Балтички гасовод.

„Оние што имаат корист се веќе јасни (…), геополитичкото значење на преостанатите гасни системи се зголемува. Тие минуваат низ Полска, гасоводот Јамал – Европа и двата цевковода низ територијата на Украина, кои своевремено Русија ги изгради со своите пари. А, исто така, и САД, се разбира, кои сега може да испорачуваат енергенси по повисоки цени“, рече Путин.

Додаде дека по експлозиите на руските гасоводи, САД имаат можност да го наметнат својот LNG во поголем обем на европските земји, кој според Путин, е инфериорен според конкурентноста со руските гас испорачуван преку гасоводите поради повеќекратно повисоките цени.

Путин рече и дека во сегашната сложена ситуација во енергетската сфера постојат и други ризици, и потсети дека испораките се многу нестабилни и може да „одлетаат“ во други региони во светот.

„Тоа го видовме неодамна, кога американските танкери кои превезуваа LNG во Европа на половина пат го променија курсот и ги сменија дестинациите, бидејќи на други пазари на продавачите им беше понудена повисока цена. Истовремено, интересите на европските потрошувачи беа игнорирани“, заклучи Путин кој во продолжение зборуваше и за активностите на „Газпром“ во зголемувањето на капацитетите на гасоводите „Моќта на Сибир“ и преку Монголија кон Кина.