Русија потпиша договори за воена соработка со повеќе од 40 африкански земји, објави вчера во Санкт Петербург рускиот претседател Владимир Путин.

„Со цел да ја зајакнеме одбранбената способност на земјите од континентот, развиваме партнерство во воената и воено-техничката сфера“, рече Путин за време на вториот и последен ден од вториот руско-африкански самит.

„Русија потпиша договори за воено-техничка соработка со повеќе од 40 африкански земји, на кои им доставуваме широк спектар на оружје и опрема“, изјави Путин.

Рускиот претседател рече дека африканските земји добиле оружје и технологии, некои бесплатно, „со цел да се зајакне безбедноста и суверенитетот на земјите“.

Претставниците на африканските земји се поканети активно да учествуваат на воените форуми организирани од Русија, кои се занимаваат со техничките аспекти на оружјето, како и вежби за запознавање со опремата и нејзината употреба.