„Ја водеше нашата земја во период на сложени, драматични промени, големи надворешнополитички, економски и општествени предизвици. Длабоко сфаќаше дека реформите се неопходни, се трудеше да понуди свои решенија за итните проблеми“, наведе Путин во телеграмата.
Додаде дека Горбачов во последните години водеше големи хуманитарни, добротворни и просветни активности.
Смртта на последниот лидер на Советскиот Сојуз поттикна денес на бројни изјави на сочувство на Западот, афирмативни за Горбачов, додека во Русија многумина му замеруваат дека го предизвикал распадот на Советскиот Сојуз, иако несакајќи.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков утринава изрази скептицизам околу „романтизирањето“ на политиката на Горбачов.
„Веруваше дека (Студената војна) ќе заврши и дека засекогаш ќе настане нова романтична епоха меѓу новиот Советски Сојуз, светот и Западот“, кажа Песков.
„Но тој романтизам не се оствари. Никаков романтичен период не се случи. Нашите противници ја покажаа својата жед за крв. Добро е што тоа го сфативме на време“, додаде Песков.
Горбачов почина синоќа во 92 година по тешко боледување.
„Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по тешка и долга болест“, соопшти синоќа московската Централна клиничка болница.