Куба го потврди првиот случај на мајмунска сипаница.
Болеста е откриена кај турист кој пристигнал од Италија минатата недела. Пред да покаже симптоми, Италијанецот патувал на различни дестинации во западните провинции на карипскиот остров. Во четвртокот му се слошило и побарал лекарска помош. Неговата состојба и понатаму е критична, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Индонезија, исто така, го пријави својот прв случај на вирусна болест, објави Асошиетед прес. Станува збор за 27-годишен маж кој живее во главниот град Џакарта. Портпаролот на Министерството за здравство рече дека се вратил од патување во странство на 8 август, а првите симптоми се појавиле пет дена подоцна.
Светската здравствена организација ја прогласи мајмунската сипаница за глобална вонредна состојба. Оваа болест зафати 40.000 луѓе во повеќе од 80 земји. Пријавени се и неколку смртни случаи, забележува Ројтерс.