Шефот на кабинетот на претседателот на Косово, Блерим Веља изјави дека тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ оти чеченските и черкески сили подготвувале заговор за убивање на косовските Срби се невистинити. „Српските прорежимски медиуми ги засилуваат дезинформациите што ги промовираше Александар Вучиќ на последната прес-конференција: Ниту еден Албанец од Косово не се приклучил на војната во Украина. Ниту еден Чеченец или Черкес нема направено заговор за убивање косовски Срби. Оваа дезинформација му служи на рускиот наратив“, нагласи Веља. Приштинските медиуми претходно објавија дека чеченските опозиционери Ахмед Закаев и Џамбулат Сулејманов негирале вмешаност во акциите на „одредени чеченски и черкески“ групи на Косово, како што на 21 август тврдеше српскиот претседател Александар Вучиќ.

 

Тој тогаш изјави дека Србија има сознанија оти пред ескалацијата на односите меѓу Србија и Косово на 31 јули, група Чеченци и Черкези, кои се противници на режимот на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, престојувале на Косово. Вучиќ додаде дека нивна задача била да ја набљудуваат ситуацијата на северот на Косово и да регрутираат потенцијални војници за борбите во Украина. Тој не прецизираше дали таа група има некаква врска со последната ескалација на односите меѓу Србија и Косово на 31 јули.