Македонскиот јазик ќе бил западен дијалект на бугарскиот. Тоа го велевте овде во оваа сала кога се гласаа заклучоците, и тогаш и претходно и сега прогласувате патриоти и предавници. Затоа денеска излегов да констатирам дека македонскиот јазик е чист, без фусноти, без додавки, ничиј дијалект, рече координаторот на СДСМ откако неговите колеги им поделија копии од Договорот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од владејачкиот СДСМ на почетокот на денешната пленарна седница за пратенички прашања во Собранието, на колегите од ВМРО-ДПМНЕ им поделија копии од Договорот за Фронтекс помеѓу Северна Македонија и ЕУ што синоќа во Владата беше потпишан на македонски јазик.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, рече дека сега очекува ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да им се извини на граѓаните за сите лаги што ги кажале за македонскиот јазик кога се договораше преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ.

„Еве ги заклучоците кои во ова Собрание ги гласаше ова мнозинство, а вие бегавте, свиревте, урлавте, викавте итн. Еден од заклучоците е овој Договор потпишан од Владата, Договорот со Фронтекс на чист македонски јазик, без додавки, без придавки, без фусноти. Бидејќи вистината е најсилниот лек на лагата денес на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе им поделиме по еден примерок од Договорот со Фронтекс на чист македонски јазик, без фусноти, без додавки, без ништо. На чист македонски јазик рамноправен со сите европски јазици, со сите 24 јазици на ЕУ и нека прочитаа и видат како гордо звучи македонскиот јазик во ЕУ и да видат дека со лаги и манипулации не се води политика, да видат дека не се дел од државничката одлука и дека треба да се засрамат, извинат на граѓаните и конечно да се приклучат на европскиот пат на државата“,рече Митрески од собраниската говорница.

Неговите колеги од мнозинство потоа им поделија копии на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Никола Мицевски, реагираше зошто им се дозволило на тие од власта да влегуваат во редовите на пратениците од опозицијата.

„Јас се чудам на ова што денес се случува затоа што сакам да прашам на кој јазик се потпишани сите досегашни договори помеѓу Македонија и ЕУ, поточно сите документи? Нормално е дека од првата спогодба за соработка помеѓу Република Македонија и Европската заедница потпишана во 1996 година, па до денес сè што потпишала Македонија е потпишано на македонски јазик. Или можеби сега овие новите говорат на еден нов македонски јазик?“,му реплицираше Мицевски.

Митрески, пак, му возврати дека го укажал тоа денеска со оглед дека токму ВМРО-ДПМНЕ тврдела дека со преговарачката рамка, македонскиот ќе биде западен дијалект на бугарскиот јазик.

„Имаше една хистерија за бегалски кампови, згради, училишта, населување, државјанства, собирање потписи … Испадна лага. Имаше втора хистерија за Закон за јазици, дека децата во Прилеп, Велес, Гевгелија со сила ќе требало да учат албански јазик, родителите ќе плаќале казни – лага. Македонскиот јазик ќе бил западен дијалект на бугарскиот. Тоа го велевте овде во оваа сала кога се гласаа заклучоците, и тогаш и претходно и сега прогласувате патриоти и предавници. Затоа денеска излегов да констатирам дека македонскиот јазик е чист, без фусноти, без додавки, ничиј дијалект. Јазик на македонскиот народ, еднаков со сите јазици во ЕУ. И кога зборувате за преспански и предавства, кажете зошто во вашиот партиски статут го избришавте името Македонија секаде каде што стои?“,рече Митревски.

Расправата продолжи и понатаму, па од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа власта да излезат на избори и народот да оценел дали Договорот бил добар или не.