Раперот Артис Леон Ајви Помладиот, попознат по уметничкото име Кулио, почина вчера на 59 годишна возраст во домот на свој пријател во Лос Анџелес, САД, пренесува BBC“.

 

Веста за неговата смрт ја потврди неговиот менаџер. Причината за смртта сѐ уште не е откриена. Според неофицијални наводи, не постои сомневање за насилство и веројатно се работи за срцев удар.

 

Раперот се здоби со светска слава по објавувањето на хитот „Gangsta’s Paradise“ во 1995 година, за кој беше награден со „Греми“ за најдобра соло-рап изведба. Кулио во својата кариера издаде вкупно осум албуми.

Се чини дека не постои лице на планетата кое во 1995 година не знаеше за песната „Gangsta’s Paradise”, во изведба на Кулио и Ел Ви. Нумерата се прослави во филмот, а можеби и таа го прослави него, „Dangerous Minds“ со Мишел Фајфер во главната улога.

„Gangsta’s Paradise” го зазема местото број 1 на листата со најдобрите синглови во Обединетото Кралство. Не постоеше кафуле или журка каде оваа песна не беше пуштена дури и по неколку пати.

Рефренот и инструментацијата се засновани на „Pastime Paradise”, нумерата на Стиви Вондер од 1976-та година.

Раперот Кулио по неа го нарече својот втор студиски албум, а „Gangsta’s Paradise” се најде и на саундтракот од филмот, „Dangerous Minds“, драма заснована на автобиографијата „Мојата екипа не ја изработува својата домашна задача“ од Лу Ен Џонсон.

Оваа новинарка, книжевнк и пензиониран маринец во 1989 година била наставничка во Карлмонт во средното училиште во Белмонт, во Калифорнија, каде претежно предавала на афроамериканските и латино тинејџерите од источиот Пало Алто, сиромашен, економски лишен град каде владеела расна сегрегација. Џонсон ја толкуваше Мишел Фајфер, која се појави и во спотот на Кулио за „Gangsta’s Paradise”.

Билборд објави дека „Gangsta’s Paradise” е најпродаваниот сингл во 1995 година, сместувајќи го на 85-то место со најдобрите песни на сите времиња.

Кулио на почетокот на својата кариера се закити со престижната награда Греми за најдобар рап соло перформанс и 2 MTV награди за најдобро рап видео и најдобро видео за филм, како и Билбордовата музичка награда за песна и албум.

Продадена е во повеќе од 6 милиони примероци ширум светот, станувајќи еден од најпродаваните синглови на сите времиња.

Кулио со Ел Ви во 1995 година ја изведе во живо на доделувањето на Греми наградите, но и на Билбордовото доделување, каде им се приклучи и Стиви Вондер.