Home Македонија Пендаровски, Петровска и Османи на Самитот на НАТО во Мадрид

Пендаровски, Петровска и Османи на Самитот на НАТО во Мадрид

163
0

Претседателот Стево Пендаровски од денеска е во тридневна посета на Мадрид, Кралството Шпанија, каде што ќе ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО, во чиј дел се и министерката за одбрана, Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

Според агендата, Пендаровски, во придружба на сопругата Елизабета Ѓоргиевска, денеска ќе присуствува на свечена вечера која, во чест на лидерите на земјите-членки на НАТО, ја приредува кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга кралицата Летиција.

Претседателот Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, утре и задутре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.

Пендаровски утре во придружба на сопругата, ќе присуствува и на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и влади во организација на шпанскиот премиер, Педро Санчез.

Во рамки на учеството на НАТО Самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да има повеќе билатерални средби.

На НАТО Самитот во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства.