Претседателот Стево Пендаровски, вчера на свечена церемонија со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.

На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

„ВАШАТА МУЗИКА, ДРАГИ ЛАУРЕАТИ, ВО ДАМАРИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ДУША ИМА МИТСКИ ДИМЕНЗИИ, ЗАТОА ШТО ПРЕТСТАВУВА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО СО КОЕ СЕ ИДЕНТИФИКУВАА И РАСТЕА И СЀ УШТЕ РАСТАТ И ЖИВЕАТ ГЕНЕРАЦИИ МАКЕДОНЦИ“, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ.

На крајот на обраќањето, Пендаровски се обрати до легендарните музичари со барање за нов студиски материјал.

ДОЗВОЛЕТЕ МИ ДА ЈА ИСКОРИСТАМ ОВАА ПРИЛИКА И ЈАВНО ДА СЕ ОБРАТАМ ДО ЧЕТИРИТЕ ЛЕГЕНДИ КОИ СЕ ВЕЧЕРВА СО НАС. ВАШИОТ ПРОФЕСИОНАЛЕН ОПУС Е ДОВОЛЕН ЗА БАРЕМ УШТЕ ДЕСЕТ ВАКВИ ОДЛИКУВАЊА, НО, НА СИТЕ НАС, А ПОСЕБНО НА МЛАДИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ВО ОВИЕ СЛОЖЕНИ И ГРДИ ВРЕМИЊА, ПОТРЕБЕН НИ Е НОВ АЛБУМ ОД ВАС, ВО ОВОЈ ФОРМАТ.