Предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“, а по кои до нејзината суспензија од функцијата постапуваше Вилма Русковска, се презаведени и дадени на надлежно постапување на обвинителката Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и обвинителата Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од Jавно обвинителство информираат дека назначениот  обвинител Трајче Пеливанов за времено раководење со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел одлука за формирање четиричлена комисија за констатирање на состојбата со тековните предмети во обвинителството, која извршила увид и ја попиша целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“.

Постапувањето по овие предмети, се вели во соопштението, ќе продолжи непречено.