На Вториот Самит на првите дами и господа, под покровителство на украинската прва дама, се обрати и Елизабета Ѓоргиевска, првата дама на Република Северна Македонија.

„Ви благодарам за можноста да се обратам на овој самит со цел да се осврнеме на тоа како би можеле (повторно) да ја изградиме иднината заедно, од разорната руска агресија врз Украина.

Образованието претставува основно право на секое дете. Тоа е инвестиција во иднината на земјата, ги извлекува луѓето од сиромаштија, ги израмнува нееднаквостите и обезбедува одржлив развој. Меѓутоа, секогаш кога има војна и конфликт, децата најмногу страдаат.

Војната што се наметна на Украина остави околу 2/3 од украинските деца раселени, исплашени, во шок и очајни за безбедност. Многу од нив страдаат од социјално нарушување и проблеми со менталното здравје. Овие трауми на семејствата и децата ќе имаат долгорочни последици за понатамошните генерации.

Повторното воспоставување на образованието за децата е важно за да им се помогне да заздрават и да се чувствуваат безбедно. Мора да се обезбеди континуирано учење, како и поддршка во однос на менталнното здравје и психолошка поддршка за децата кои остануваат во Украина и за децата кои побегнале во други земји.

Овозможувањето на децата да учат во училиште не е само законска обврска, туку претставува и морална должност и фундаментално право.

Треба да ги здружиме и споделиме ресурсите за да помогнеме во обновата на украинскиот образовен систем и да обезбедиме поддршка на образовните иницијативи кои обезбедуваат школување на децата.

Со тоа што ги имаме пречекано децата кои бегаат од Украина, ние во Северна Македонија им обезбедуваме можности за учење. Успешната интеграција во училиштата може да им помогне на децата да ги надминат своите трауматски искуства и да се чувствуваат достоинствени, почитувани и прифатени.

Треба да продолжиме да ги поддржуваме украинските деца да се запишуваат на училиште.

Сосема сум свесна дека образованието е само еден сегмент од безбедноста на децата. Поради тоа, не смееме да ја заборавиме потребата на децата од здравствена заштита, социјални услуги, вклучувајќи и градинка, како и потребите на возрасните од пристап до можности за вработување, здравствени и социјални услуги. Во овие тешки времиња, не смееме да ги заборавиме овие должности и треба сите заедно да работиме во насока на справувањето со овие предизвици со заеднички напори“, изјави Ѓоргиевска во своето обраќање.

превод: Наташа Цветковска/ЦИВИЛМЕДИА