Џорџа Мелони, која се очекува да биде идниот премиер на Италија, во средата им фрли ракавица на своите десничарски коалициски партнери, велејќи дека нејзината нова влада ќе биде про-НАТО и целосно дел од Европа, пренесе Ројтерс

Во остро формулирана декларација, Мелони рече дека секоја партија што не се согласува со нејзината надворешна политика не треба да ѝ се приклучи на владата, која треба да ја преземе функцијата следната недела.

„Италија со нас во владата никогаш нема да биде слабата алка на Западот“, рече таа.

Мелони цврсто ја бранеше Украина откако Русија ја почна својата инвазија во февруари и ги поддржа западните санкции против Москва.

„Во една работа бев, сум и секогаш ќе бидам јасна. Имам намера да водам влада со јасна и недвосмислена надворешнополитичка линија“, рече таа. „Секој што не се согласува со овој камен-темелник не може да биде дел од владата.“

Берлускони (86) му е долгогодишен пријател на Путин и во првата протечена аудиоснимка објавена во вторникот, тој им откри на парламентарците од својата партија Форца Италија дека повторно е во контакт со рускиот претседател и дека разменил пријателски писма и подароци.

Во втор фајл, објавен во средата од новинската агенција Ла пресе, Берлускони рече дека Украина го потонала мировниот договор од 2014 година, кој беше осмислен да ѝ стави крај на сепаратистичката војна на руските говорители во источните украински региони Доњецк и Луганск.

Повторувајќи ги обвинувањата на Путин, Берлускони рече дека Зеленски многу ја влошил ситуацијата кога дојде на власт во 2019 година.

Берлускони, исто така, го повтори тврдењето дека Путин потклекнал на внатрешниот притисок и ја нападнал Украина само за да формира нова влада „од пристојни луѓе со здрав разум“.

Во вторникот, по објавувањето на првата снимка, Форца Италија рече дека ставот на Берлускони за војната е „во согласност со позицијата на Европа и САД“.

Сепак, противниците рекоа дека со двете снимки Берлускони го поткопува кредибилитетот на Мелони.

„Коментарите на Берлускони се многу тешки и некомпатибилни со италијанските и европските позиции“, рече Енрико Лета, лидер на централно-левичарската Демократска партија.