Земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Мексико, неколку дена по силниот земјотрес во кој загинаа две лица, а беа оштетени стотици згради.

Жителите на главниот град Мексико Сити излегоа на улиците откако се тресеа зградите и се огласија сирените, јавува Ројтерс.

Градоначалничката Клаудија Шајнбаум рече дека засега нема извештаи за материјална штета.

Епицентарот на земјотресот, чиј интензитет првично го процени Геолошкиот институт на САД на седум степени, бил на длабочина од 27,7 километри.

 

 

 

Две лица загинаа, а 10 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот го погоди западниот брег на Мексико.

Тој земјотрес се случи на ден кога Мексико беше погодено од два земјотреси во минатото.

Неколку стотици луѓе ги загубија животите во разорниот земјотрес на 19 септември 1985 година, додека 350 луѓе загинаа во земјотресот што го погоди Мексико на истиот датум во 2017 година.