Ќерката на поранешен градоначалник на Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е уапсената денеска на островот Миконос, случај за кој извести грчка „Прото тема“, дознаваме неофицијално од извори од МВР.
Според информациите, 21-годишна девојка и двајца мажи на возраст од 34 и 35 години од Македонија, биле уапсени на грчкиот остров, под обвинение за трговија со дрога.
Од грчката полиција информираат дека било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос” и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.
Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога.
Инаку членот на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори одржани во 2006 г. е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија, во третата изборна единица. На вонредните парламентарни избори, одржани во 2008 г., повторно е избран за пратеник во Собранието на РМ. со втор мандат. На локалните избори во март, 2009 е избран за градоначалник на Општина Велес.