НАТО распореди резервни војници во својата мисија на КФОР во поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија која еднострано во 2008 година ја прогласи независната Република Косово, објави во средата еден од командантите на мисијата, во пресрет на истекот на рокот за воведување на регистарските ознаки од страна на владата во Приштина, а на што се противат тамошните Срби.
Претходното инсистирање да бидат воведени регистарските таблички кои сакаат да ги воведат приштинските власти а Белград тврди дека не се според договорите постигнати со посредство на Европската унија, предизвикаа судир меѓу косовската полиција и Србите од северот на регионот и блокади на патиштата.
Блокадите беа отстранети кога амбасадорот на САД во Приштина повика одложување на процесот, Белград порача дека ќе го заштити српското население, а НАТО го презема надгледувањето на процесот продолжен до 31-ви октомври.
Во меѓувреме косовскиот премиер Албин Курти презема некои акции на полицијата кои предизвикаа остри реакции на Белград од каде доаѓаат изјави дека Србија е под силен притисок на Западот да ја признае независноста на Косово. Поради тоа, растат стравувањата дека со приближувањето на крајот на октомври од избувнување на судир меѓу Приштина и Белград, повеќе од 20 години откако НАТО со бомбардирање во Србија ја принуди тогашната српска власт да ги повлече безбедносните сили од покраината по двете години борба со албанските бунтовници.
„Во рамките на вообичаеното планирано распоредување на силите, постојат резерви увежбани за доаѓање тука“, изјави командантот на источниот сектор на КФОР, полковникот Кристофер Самиулски за новинарите во американската воена база Бондстил.
Околу 3.700 војници на НАТО во моментов се распоредени во поранешната српска покраина за да спречат насилства меѓу Албанците и Србите. Американскиот офицер не прецизираше колку дополнителни војници пристигнале во базата, но спомена единици со „големина на баталјон“, односно меѓу 500 и 1.000 војници.
Белград стравува дека овие единици на НАТО нема да се придржуваат до Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации со која на северот на областа не смеат да влегуваат полициските сили на приштинските власти, а странските сили во составот на КФОР мора да го штитат српското население.