– Невидениот дефетизам на ВМРО создава конфузија од еднострани или нецелосни толкувања, со цел за да се покаже дека ВМРО како „секогаш“ го штити националниот интерес. Но, националниот интерес на ВМРО не е ништо друго, дури ни ново од она што го видовме досега, туку манипулативен дискурс, кој има за цел да создаде политичка криза за враќање на власт.

Уште едно, ништо ново… референдум горе-долу, веќе виден од ВМРО-ДПМНЕ?!
Нема потреба да се каже, но иронично, на ВМРО навистина „му одат од рака“ овие референдуми. Ги организира секогаш кога и се потребни за себепромоција, секогаш кога ќе се почувствува загрозено! Некаков патолошки страв дека електоратот може да го заборави „имиџот“ на ВМРО како „бранител на возвишени каузи“.
Гледаме дека првиот човек на ВМРО, Христијан Мицковски во септември се враќа целосно одморен и подготвен „да ги реши“ проблемите кои според него ги создавале други. Тој има идеи како да се спроведе референдумот против Договорот со Бугарија, кој го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, од каде потекнувал целиот проблем. Целта му е да собере над 150.000 потписи и да го направи референдумот задолжителен, за да не се повторат други ситуации, кога не беше така. Сигурно мисли на референдумот за Преспанскиот договор кој не го постигна цензусот, за што одговорноста за неговата ратификација ја презеде Парламентот.

Битките на кој било субјект за политички каузи се легитимни, а донекаде и методите. Дури и проверката на работите за да се „измери“ волјата на граѓаните на референдумот. Но, во ваквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ има континуитет на политики кои постојано се преземаат ПРОТИВ се што има врска со затворање на каков било спор, било внатрешен или надворешен. Тие прашања често се од витално значење за земјата, завршуваат некој процес или отвораат друг за доброто на државата.

Многумина, ќе речат дека ВМРО има тенденција да биде секогаш на спротивната страна на владините политики кога е во опозиција, па дури и дека има „вроден табиет “ за справување со проблемите, кои самата ги измислува без да бидат такви! А како доказ на тоа се потсетуваме на два моменти од минатото: лидерот на ВМРО го потпиша Охридскиот рамковен договор, а токму ВМРО, во времето на имплементација преку уставните измени, тој да не се спроведува како што беше потпишан, па така направи драма, каде ги вклучи и странците. Исто така, две-три години подоцна, тој повторно ја предизвика една од најголемите драми на плурализмот, референдумот против децентрализацијата, кој беше една од обврските на Охридскиот договор, но кој му пукна во рака како „петарда“, бидејќи народот го поддржа.

Ако зборуваме од гледна точка на државниот интерес, Рамковниот договор беше акт со кој се заокружија долгогодишни политички спорови на плурализмот, што беше интерес на државата, каде што беа усогласени сите релевантни фактори, вклучително и самата ВМРО. Во меѓувреме, ставот против него подоцна од страна на ВМРО, ја покажува несериозноста, па дури и деструктивноста на оваа партија, која практично на еден начин се однесува кога е на власт, а на сосема поинаков начин кога не е. Во еден момент преземаш обврски, па потоа стануваш против нив!

Спротивен пример е оној за Договорот од Преспа,бидејќи оваа партија беше против уште од почетокот. Со овој договор беше надминат меѓусоседски спор кој беше отворен повеќе од две и пол децении, а ВМРО цело време работеше да не се дојде до некое решение. Беше против кога беше на власт, и не направи ништо за да се изнајде решение, беше против и како опозиција, кога премиерот, Заев имаше храброст да стави крај заедно со неговиот грчки колега, Ципрас. Многу луѓе, дури и оние кои беа против компромиси со Грција, сега ќе кажат дека тоа беше корисен договор, дека со географскиот префикс ниту македонската држава ниту македонскиот народ не изгубија ништо од идентитетските обележја (јазикот е зачуван, историјата не беше засегната…). Но, за ВМРО тоа беше и остана договор штетен за државните интереси. Никола Груевски, кога беше премиер, еднаш рече дека и да се постигне компромис со Грција, ќе апелирал до граѓаните на референдумот да гласаат против?! Да не зборуваме за конкретниот „придонес“ со „Скопје 2014“ со историски „позајмувања “ од антиката, за влошување на односите со Грција!

Од договорот со Грција не се изгуби ништо од идентитетот, Македонците останаа Македонци, а јазикот им остана македонски, а државата доби влез во НАТО, едно од достигнувањата со кои Северна Македонија си се обезбеди од било каква надворешна закана.

Ова што сега го гледаме кај Мицковски не е ништо друго, туку „груевистичка“ копија, бидејќи со истите аргументи ги повторува истите „проверени“ методи. Овој невиден дефетизам создава конфузија од еднострани или нецелосни толкувања, за да се прикаже ВМРО како сила која секогаш го штити националниот интерес. Но, националниот интерес на ВМРО не е ништо друго, дури ни ново од она што го видовме досега, туку манипулативен дискурс, кој има за цел да создаде политичка криза за враќање на власт.