На Пакистан ќе му требаат повеќе од 10 милијарди долари за санирање на штетите предизвикани од поплавите од монсунските дождови и за обнова на оштетената инфраструктура, изјави денеска министерот за планирање и развој Ахсан Икбал.

„Нанесена е огромна штета на инфраструктурата, особено во телекомуникациите, патиштата, земјоделството и средствата за живот“, рече Икбал.

Најмалку 1.138 лица загинаа од јуни, поплавите однесоа голем број домови и уништија земјоделско земјиште.

– Третина од Пакистан моментално е „под вода“, рече министерката за климатски промени Шери Реман, нарекувајќи ја „криза од незамисливи размери“.

Во Пакистан во тек е акција за давање помош на ранливите лица, а меѓународната помош почнува да пристигнува.

Пакистанските власти го припишуваат разорното време на последиците од климатските промени и тврдат дека Пакистан ги трпи последиците од неодговорните еколошки практики во другите делови на светот.