На денешната национална  конвенција, членовите на Партијата на слободата(ПЛ)  му дадоа максимална подршка на Илир Мета да продолжи да ја предводи партијата, на чие чело се врати на 25 јули, како вршител на должноста.
Мета(53) беше единствен кандидат,  бидејќи никој друг не ја поднесе својата кандидатура. Самиот Мета рече дека тоа што нема друг кандидат е показател за довербата што во него ја имаат сопартијците.
Во својот говор тој ја опиша Партијата на слободата како партија на надежта, притоа потенцирајќи дека главната мисија е да ги спречи младите да емигрираат, да останат тука,  да работат и да ја градат својата иднина во Албанија.
– Партијата на слободата е алтернативата на надежта за будење на граѓанската храброст и слободниот и патриотски дух. Нашата мисија е Албанија да им припаѓа на младите. Затоа, ќе дадеме секаква жртва за да ја запреме депопулацијата, ова крвавење што ја убива виталноста, енергијата на Албанија, младите и професионалците и го загрозува идентитетот и иднината на нашата нација и нашите семејства, рече Мета.
Меѓу другото тој ја  обвини владата дека ги принудува Албанците да ја напуштат земјата со политиката што ја следела.
– Само поради преродбата (изборно лого на владејачката Социјалистичка партија)  Албанија, земјата со најмлада популација во Европа до пред 10 години, денес е земја со најдраматична депопулација во Европа. Само поради преродбата, невини граѓани, млади и деца, постојано се убиваат од рацете на полицијата и никој не е казнет или одговаран, обвини тој.
Мета, кој пред два дена потпиша договорот со Сали Бериша за излегување со заеднички кандидати на локалните избори на 14 мај следната година, посочи дека здружената опозиција „ќе стави крај на владеењето на режимот кој им ги одзеде слободите на Албанците”.
-Албанија ќе им припадне на младите, затоа што општество и народ без младост е како тело без душа. Токму тоа непоколебливо убедување мора да ги одржува жив духот и големата кауза на Партијата на слободата и Здружената опозиција, порача тој.
На Конвенцијата на Партијата на слободата, едногласно беа  одобри статутарните измени а  резолуцијата што беше изгласана има за цел да ги преземе сите законски иницијативи за изгласување  во Парламентот на Закон за референдум.
Партијата бара какви било измени на Уставот на Република Албанија, давањето под концесија на природни богатства и слично  повеќе да не се прави само со гласање на  пратениците, туку последниот збор да го има народот на референдум.
ПЛ, всушност е поранешното Движење за социјалистичка интегеација(ЛСИ)  што го формира токму Мета во 2004 година. По изборот за шеф на државата на 24 јули 2017 кормилото во партијата го презеде неговата сопруга Моника Круемади, која се повлече пред три месеци, кога на Мета му заврши петгодишниот претседателски мандат и се врати на чело на партијата и и го смени името.