Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми настапи со реакција до главната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска, по нејзината денешна изјава дека врши притисок врз обвинителството и судството. Таа денес изјави дека претставката од Управата за финансиска полиција која беше обелоденета денес, датира од минатата седмица, а нејзиното објавување денес го смета за „директен притисок врз работата на обвинителството и судот“.

„Уште кога го пишував соопштението бев свесен дека Русковска ќе го злоупотреби зборот ‘наводен притисок’ врз институциите, но сепак, обвинителке, штитењето на своите права и правата на Управата за финасиска полиција од неосновани и незаконити дејствија и реакција до надлежните органи е моја обврска и по Уставот и по законите“, реагира Муареми.

Тој појаснува дека во наредбата за претрес кој беше извршен неодамна во просториите на Управата за финансиска полиција стоела квалификација „основано сомнение“, а Русковска во својата денешна реакција рече дека „само проверувале наводи по пријава“. „Ваква мерка и кфалификација се дава кога веќе е на располагање доказниот материјал“, вели Муареми.

„Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и судот“, рече претходно Русковска за Дојче Веле.

Таа додаде дека е изненадена од реакцијата на Управата за финансиска полиција и директорот Арафат Муареми. „Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот“, рече Русковска. (Р.Н.)