268
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска во струшката болница го посетија повредениот началник на ОВР Струга Д.А врз кого вчера беше извршен брутален обид за убиство, а кој во моментов се наоѓа во стабилна здравствена состојба.
Како што соопшти МВР, посакувајќи му што поскоро опоравување на повредениот началник, министерот Спасовски го повтори својот став дека напад на припадник на македонската полиција е напад на државата, поради што мора да има најстроги санкции за тој кој ќе се осмели да изврши таков чин на насилство.
-Насилството е последното прибежиште на криминалците, последниот обид да ги заплашат оние кои се задолжени за спроведување на законот. Затоа казната од правосудните органи треба да е брза, навремена, строга и без отстапки. А последниот удар на полицијата до конечна пресметка со криминалот – најсилен, порача Спасовски по посетата.
Како што наведуваат од МВР, обидот за убиство се случи на 28.07.2023 околу 17.35 часот на ул. „Ристо Крле“ во Струга кога осомничениот С.Н. со своето возило му го попречил патот на Д.А., кој бил во неговото возило и прво вербално го нападнал, а потоа му нанел повреди со остар предмет, по што се дал во бегство. Д.А. бил пренесен во болницата во Струга, каде му е укажана лекарска помош.
Од страна на полициски службеници од СВР Охрид-НККР Струга, Оддел за криминалистичка полиција-Сектор за општ и насилен криминал и Оддел за специјални полициски операции преземени се мерки и активности и лишен е од слобода С.Н. (44) од с. Велешта поради основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ врз Д.А..
По преземените оперативни мерки против С.Н. е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „убиство во обид“ и од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена, по што С.Н. е спроведен во КПУ Скопје.